|

Промоција на документарниот „Сведоци“ во Кинотека

На 2 октомври (вторник) во 12:00 часот, во киносалата на Кинотека на Македонија ќе се одржи скопската премиера на документарниот филм „Сведоци“ на Атанас Чуповски.

Филмот беше премиерно прикажан во Битола, во рамките на Македонската панорама на 33. ИФФК „Браќа Манаки“. Долгометражниот документарен филм „Сведоци“ е реализиран од Кинотеката на Македонија во 2012 г., по сценарио и во режија на Атанас Чупоски.

 

Двочасовната епска приказна „Сведоци“ е поделена во девет епизоди, во кои преку сеќавањата и личните сведоштва на протагонистите, претставена е слика на животот на Македонците во Егејскиот дел на Македонија во период подолг од 100 години: од времето на Илинденското востание, балканските војни и Првата светска војна; искушенијата за време на грчката окупација на Егејска Македонија по војната; Втората светска војна и новата италијанско-албанско-бугарско-германско-грчка окупација; стравотиите на Граѓанската војна; евакуирањето на децата од боиштето и нивниот престој во детските домови во тогашните социјалистички држави; трансферот на Македонците – борци на Демократската армија на Грција – ДАГ преку Албанија во социјалистичките држави, како и подоцнежното враќање во тогашна СР Македонија и искушенијата со кои се соочувале т.н. Егејци.

 

Покрај тоа што претставува автентично сведоштво за животот во Егејскиот дел на Македонија, филмот истовремено ја раскажува и личната драма на секој од протагонистите, а истовремено претставува и своевидна парабола за ужасите на секоја војна.Монтажер на филмот е Александар Трајковски, супервизор на монтажата Миле Петковски, а за супервизија на реализацијата на филмот беше задолжена директорката на Кинотека на Македонија – Мими Ѓоргоска-Илиевска.
Во филмот „Сведоци“ се користи и автентична македонска народна музика од Егејскиот дел на Македонија во интерпретација на Лета Барџиева и една инструментална тема, „Плач за огништето“, на македонскиот композитор и мултиинструменталист Ристо Краповски.

 

Документарниот филм „Сведоци“ е реализиран од интервјуата собрани во рамките на проектот на Владата на РМ и на Министерството за култура, „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видеоматеријали и разговори со Македонци протерани од Егејска Македонија во 20 век“, проект реализиран од Кинотеката на Македонија, во соработка со Институтот за национална историја, Министерството за надворешни работи, Канцеларијата на Претседателот на РМ, Сојузот на стопански комори и здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Незaборав“ и „Македон“.

Short URL: http://arhiva.cooltura.mk/?p=15377

Posted by on Sep 29 2012. Filed under Настани, Театар/Филм, Топ Вести. You can follow any responses to this entry through the RSS 2.0. You can leave a response or trackback to this entry

1 Comment for “Промоција на документарниот „Сведоци“ во Кинотека”

  1. Марина

    Има една песна што се користи во документарецот, тажна е и се пее на грчки, многу сакам да ја дознаам, да ја сподели некој ако ја знае, јас никако да ја најдам.

Leave a Reply

UA-20274170-1