|

Зоран Џорлев: Младите се тие кои треба да ја чуваат и негуваат традицијата

На 23 март во МОБ со Свечена академија започна одбележувањето на јубилејот – 65 години постоење  на Ансамблот за народни песни и игри Танец. Ансамблот годинава е добитник и на највисокото државно признание „Свети Климент Охридски“, што според зборовите на директорот Зоран Џорлев е голема чест, но уште поголема обврска кон тоа што го работат.

zoran_dzorlev

По 65 години постоење Танец доби и спомен соба, во неа е архивирано голем дел од она што зачи традиција на ансамблот.Кој ја посетува собата, кој се интересира за македонската традиција?

- Спомен собата е една од работите на која сум горд затоа што нејзиното постоење е резултат на трудот на вработените во Танец кои со љубов ги собираа  предметите кои се овде изложени, а кои сведочат за 65 годишното искуство на ансамблот. Собата најчесто е посетувана од страна на младите од основните училишта и културно уметничките друштва, што е навистина за поздравување бидејќи младите генерации се тие кои понатаму треба да ја чуваат и негуваат македонската традиција.

Tanec-_spomen_soba3

„Танец – носител на македонскиот културен идентитет“ ова не е само флоскула туку и факт кој вашата публика секогаш го потврдува со огромна почит. Каде аплаузот е погласен – дома или пред странска публика?

-  Секаде каде што Танец настапува реакциите, повеќе или помалку се исти, бурни аплаузи, среќа и задоволна насмевка на лицата на присутните, исчекување играта и песната да продолжи барем уште малку. Во странство публиката ја доживува нашата традиција како нешто ново, што ги чини задоволни и љубопитни да дознаат нешто повеќе за македонската култура, а кај нас, публиката заедно со ансамблот ужива во добро познатиот македонски ритам.

65 godini Tanec 2

Со какви предизвици се сретнавте кога прв пат стапнавте на раководната позиција на „Танец“?

- Она на што сметав дека треба првенствено да се посвети внимание е  проширувањето на тимот кој значи логистичка поддршка на уметничкиот дел. Потребата од вработување на извршители кои со својата работа ќе придонесат за успешното остварување на дејноста на ансамблот беше реална, а се покажа и оправдана. Освен административниот дел, сметав дека е потребно да се прошири составот на ансамблот со млади пејачи, играчи и музичари, да се стави акцент на чалгискиот звук (покрај изворниот и народниот) со употребата на утот и канонот, да се слушне звукот од времето на Ѓорѓи Димчевски, да се внесат новини кај пејачите кои ќе доведат до нивна поголема застапеност на настапите…..

На што од сработеното сте особено горд?

- На секоја активност што ја преземам како директор на Танец се посветувам максимално и со љубов, пошто успехот е неизбежен. Горд сум на секој настап кој ќе заврши со задоволна публика, горд сум кога ќе почувствувам задоволство кај вработените….. Како настан кој во моментов треба да се спомне е секако одбележувањето на 65 годишнината на ансамблот, за која цел ќе се одржат повеќе настани во текот на целата година.

65 godini Tanec 3

Во сиот ангажман со Танец наоѓате ли време и за својата соло-кариера?

- Во карактерот на уметникот е потребата и желбата да создава нови дела, оти тоа е она што го прави жив. И покрај многуте други обврски, и јас како уметник наоѓам време за она што ме исполнува. Последниве години покрај ТВ емисиите на Алфа, Сител и МТВ, снимив и два носачи на звук, “Не кажувај либе” и “Гласот на виолината”, а во изминатиот период од речиси два месеца подготвувам емисија на Радио Слободна Македонија. Посебно ќе го спомнам проектот “Виолина и глас” со Сузана Спасовска, на кој се наоѓаат македонски народни песни со аранжмани од Сашо Ливрински, а кои  беа изведени на концертната промоција одржана на 5 март оваа година.

dzorlev spasovska violina i glas (5)

Short URL: http://arhiva.cooltura.mk/?p=47618

Posted by on Apr 7 2014. Filed under Настани, Став, Топ Вести. You can follow any responses to this entry through the RSS 2.0. You can leave a response or trackback to this entry

Leave a Reply

UA-20274170-1