|

Промовиран Зборник на трудови за традиционална музика и игра

Националната установа Центар за култура-Битола го промовираше Зборникот на трудови за традиционална музика и игра во кој се поместени научни трудови и практики од соодветниот семинар кој шеста година по ред се одржува во рамки на фестивалот „Илинденски денови“.

kniga1

Во Зборникот се публикувани трудовите на Тимко Чичаковски „Музички артефакти за традиционалните инструменти во 19 век“, на Благица Илиќ „Имплементација на сценска адаптација во ансамбл“, трудот „Создавање збирки во минатото: почетоци на музејот“ од Даворин Трпевски, осврт за обредо пејачките жанрови од летниот календарски циклус подготви Родна Величковска, додека трудот за „Формите во македонските играорни обрасци“ го подготви Владимир Јаневски, кој воедно го претстави Зборникот.

- Младите луѓе имаат потреба за едукација и знаења кои подоцна ќе ги имплементираат во своите ансамбли. Со овој Зборник им помагаме на културно уметничките друштва и фолклорните ансамбли да можат полесно и професионално да применуваат делови од методиките и сегментите поврзани со традиционалните вредности, односно народните ора, народните инструменти, народното пеење и народните носии, посочи Владимир Јаневски, професор на Факултетот за музичка уметност на одделот за етнокореологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Со промоцијата на Зборникот на трудови за традиционална музика и игра воедно почна неколкудневниот истоимен семинар во Битола на кој годинава учествуваат 60 студенти и поединци кои професионално или аматерски работаат во фолклорни ансамбли низ државата.

- Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ од своето формирање па до денес, посветува особено внимание на едукацијата на кадрите кои се ангажирани во процесот на негување и презентација на традиционалната музика и игра. Семинарот е востановен во 2009 година и секогаш овозможува пренесување на позитивни искуства и ние го сметаме како една од најзначајните придружни активности на фестивалот, нагласи Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.

Short URL: http://arhiva.cooltura.mk/?p=52203

Posted by on Jul 29 2014. Filed under Етнологија, Настани, Топ Вести. You can follow any responses to this entry through the RSS 2.0. You can leave a response or trackback to this entry

Leave a Reply

UA-20274170-1