|

Аљбан Муја со изложбата „Именување“ доаѓа во Скопје

Денеска (9 септември, вторник) во Serious Interests Agency (Ѓорѓи Пешков 6 / прв кат / 1000 Скопје / Македонија) во 20:00 часот ќе биде отворна изложба на Аљбан Муја „Именување“. Изложбата ќе биде отворена до 5 октомври 2014.

aljban_muja_imenuvanje(sia)

Изложбата „Именување“ се состои од неколку одделни проекти на Муја обединети под интересот за феноменот на именувањето: „Мое име, нивен град“ (2012), серија од седум фотографии на кои се прикажани личности од Косово именувани по градови во Албанија; „Тониевци“ (2010), фотографија на која се прикажани девет момчиња родени во и по 1999 година на кои им е дадено име Тониблер, по тогашниот британски премиер Тони Блер, доживеан како еден од главните заштитници на косовските Албанци за време на војната во Косово, како и двете видеа, „Палестина“ (2005) и „Тибет“ (2009), кои се документирани лични сведоштва за нивното именување. Сите претставени дела, доволно зборуваат за фасцинацијата на Муја со феноменот на именувањето, но од различни аспекти и во различен контекст. Третирани низ различни медиуми и врз различни индивидуални приказни, стануваат појасни и поединечните мотиви за именувањето во секоја одделна „приказна“. Тоа ја нагласува важноста на навидум едноставното преврамување низ призмата на уметникот и ја оправдува функцијата на конкретната интервенција преку избраниот медиум, дури и кога таа е минимална.

Аљбан Муја (1980), според многумина, е еден од најзначајните современи уметници од Косово, кој припаѓа на помладата генерација што се занимава со критичко преиспитување на сложените, бавни и проблематични процеси на општествената трансформација. Во случајот на Муја, посебно проблемот за именувањето останува еден од централните интереси уште од неговите почетоци („Ослободи го умот“, 2004).

Serious Interests Agency (SIA) е независен центар во Скопје, Македониjа. SIA промовира креативни и теоретски практики кои подразбираат општествен ангажман и промена. SIA ги поддржува уметничките, кураторските и теоретските/истражувачките активности, вклучувајќи го и урбаното и архитектонско истражување. SIA е заинтересирана за проекти кои испитуваат, набљудуваат, анализираат и конструктивно или креативно ги допираат локалните контексти. SIA се занимава со широк спектар на медиуми, како јавни изложби, онлајн изложби, интернационални резиденцијални престои, презентации и отворени дискусии, како и публикации.

Short URL: http://arhiva.cooltura.mk/?p=53796

Posted by on Sep 9 2014. Filed under Настани, Топ Вести, Уметност. You can follow any responses to this entry through the RSS 2.0. You can leave a response or trackback to this entry

2 Comments for “Аљбан Муја со изложбата „Именување“ доаѓа во Скопје”

  1. Благодариме на Cooltura.mk за објавата, со мал порака дека изложбата се отвара ДЕНЕС, не на пети октомври. Ве покануваме на отварање вечер!

    • “Денеска (9 септември, вторник) во Serious Interests Agency (Ѓорѓи Пешков 6 / прв кат / 1000 Скопје / Македонија) во 20:00 часот ќе биде отворна изложба на Аљбан Муја „Именување“. Изложбата ќе биде отворена до 5 октомври 2014.”

      Вака пишува горе во интрото. Стои дека ќе трае до тогаш, а убаво си пишува дека отворањето е денес. ;)

Leave a Reply

UA-20274170-1