|

Познатиот виoлинист Кирил Трусов настапува во Скопје

Со своите многубројни солистички настапи, Трусов стекнал углед на исклучителен уметник, а неговите концерти се многу високо оценети од голем број критичари во светот.

Kirill Troussov Photo: Marco Borggreve

На 12ти ноември (среда) во Македонскиот народен театар, концерт ќе одржи еден од најзначајните виолинисти на својата генерација – Кирил Трусов. На концертот Трусов настапува како солист и диригент на Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ од Скопје.

- На огромно задоволство на македонската публика, Кирил Трусов повторно во Македонија, и за прв пат во Скопје. Со своите два концерта на фестивалот „Охридско лето“, Трусов ја воодушеви публиката и докажа дека е изведувач од светски ранг. Својата маестрална изведба Трусов ќе ја потврди со изведба на четирите виолински концерти на италијанскиот композитор Антонио Вивалди, попознати како „Четири годишни времиња“.
Особено ми е драго што студентите од Факултетот за музичка уметност – Скопје, членови на камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, ќе имаат можност да настапат заедно со овој врвен уметник.  Трусов ќе одржи и мајсторски курс, на кој учесниците ќе имаат можност да ги прошират своите сознанија за изведувачката техника и интерпретацијата, искуство кое со сигурност ќе им помогне во нивната понатамошна професионална надградба – изјавува Гордана Јосифова-Неделковска, Декан на ФМУ и организатор на концертот.
Кирил Трусов се образувал под менторство на истакнатите уметници и педагози Захар Брон и Кристоф Попен, како и Игор Ојстрах и Јехуди Менухин. Со своите многубројни солистички настапи, Трусов стекнал углед на исклучителен уметник, а неговите концерти се многу високо оценети од голем број критичари во светот. Настапувал со различни оркестри од целиот свет (Филхармонискиот оркестар на Минхен, Националниот оркестар на Франција, Радио-симфонискиот оркестар на Баден-Баден и др.), а исто така соработувал и со диригенти како Сер Невил Маринер, Лоренс Фостер, Владимир Спиваков, Дејвид Стерн и др. Кирил Трусов настапува и како камерен музичар, заедно со голем број реномирани изведувачи. Редовен гостин е на некои од најпрестижните фестивали, како фестивалот „Verbier“ во Швајцарија, фестивалот „Менухин“ во Гастаг, фестивалот „Шлезвих-Холштајн“ во Германија и други. Оваа година значаен е и неговиот настап на Зимските олимписки игри во Сочи.
Добитник е на голем број награди и признанија (Наградата „Давидоф“ на музичкиот фестивал „Шлезвих-Холштајн“; европската награда „Про-Европа“ и др.). Свири на виолина „Страдивари“ која потекнува од 1702 година, на која свирел познатиот виолинист одXIX век – Адолф Бродски.
Концертот, кој го организира Скопје Класик, е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија. На програмата се четирите виолински концерти на италијанскиот композитор Антонио Вивалди, попознати како „Четири годишни времиња“.

Short URL: http://arhiva.cooltura.mk/?p=56453

Posted by on Nov 10 2014. Filed under Музика, Настани, Топ Вести. You can follow any responses to this entry through the RSS 2.0. You can leave a response or trackback to this entry

Leave a Reply

UA-20274170-1