|

Промовирана „Јавна и културна дипломатија“ од Васко Шутаров

Ова е прво вакво дело што се осврнува на културата како значајна алатка во политиките меѓу државите …

kulturna diplomatija shutarov 4

„Јавна и културна дипломатија“ е насловена книгата на авторот Васко Шутаров, во издание на „Матица Македонска“ која денеска беше промовирана во Порта Македонија. Претставувајќи ја книгата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека станува збор за дело кое обработува тема која досега е недоволно елаборирана и истражувана кај нас.

- Ова исклучително значајно дело наменето, пред се, за дипломатите, но и за стручната и научната јавност, аналитичарите, културните работници и медиумите, ќе отвори уште многу нови теми надвор од контурите на традиционалната дипломатија, ќе отвори нови перспективи и предизвици на современите дипломатски појави низ призмата на меѓународната културна размена, истакна Канческа-Милевска.

Министерката за култура посочи дека културната дипломатија претставува научна дисциплина која се изучува на врвни светски универзитети, и затоа, рече таа, книгата ќе има голем придонес во развој на политичката наука во Македонија, посебно во сферата на дипломатијата, јавните политики, културната политика и политичката комуникација.

kulturna diplomatija shutarov 3

-Посебно поглавје од ова значајно издание е посветено и на културната дипломатија на Република Македонија, нејзиниот развој, формите на реализација, организациската концепција за нејзино креирање, сферите каде што се реализира како и перспективата на културната дипломатија, рече Канческа-Милевска.

Според авторот Шутаров не постои позната личност во меѓународната политика која не го признава значењето на културната дипломатија и затоа во својот труд тој цитира многумина од нив. Тој рече дека надвор од рамките на традиционалната, базична дипломатија, културната значи обраќање и создавање перцепција за себе пред странската јавност.

- Задачата на културната дипломатија е да креира најповолна можна слика за својата земја и таа перцепција да се одомаќини, да создаде емоција и да ги зближува народите, што е и основна мисија на културата. Има земји со исклучителна културна практика на која можеме да се огледаме. Имаме потенцијал и сила и моето вјерују е дека светот е и понатаму поле за културен натпревар меѓу народите и дека тоа поле за нас е и широк мегдан, на кој можеме да покажеме кои се сите наши компаративни предности. Културата е алатка со која можеме да му покажеме на светот кои сме, што сме и колку можеме, истакна Шутаров.

Според авторот Шутаров книгата е резултат од неговиот долгогодишен интерес за темата на културната дипломатија. Во неа е вклучено и неговото неколкугодишно истражување во оваа област, како пратеник и претседател на собраниската Комисија за култура, а посебно како прв човек на македонскиот Културно-информативен центар во Софија.

Short URL: http://arhiva.cooltura.mk/?p=56505

Posted by on Nov 11 2014. Filed under Настани, Топ Вести. You can follow any responses to this entry through the RSS 2.0. You can leave a response or trackback to this entry

Leave a Reply

UA-20274170-1